Посети го Градско

1. Археолошки локалитет Стоби

Археолошкиот локалитет Стоби претставува своевиден музеј под отворено небо и непресушен извор на информации за цивилизациите кои имале шанса да бидат жители на овој град низ столетијата. Стоби се наоѓа во близина на Градско на местото каде реката Еригон (Црна) се влева во Аксиос (Вардар), независно од каде доаѓате, секако морате да му пријдете од автопатот Е 75.

Се претпоставува дека градот бил основан во 359 г. п.н.е. Во 168г. п.н.е., со победата на римјаните над кралот Персеј, Македонија била поделена на четири области. Тогаш Стоби станува центар на трговија на третата област. Во 148 г. п.н.е. Македонија станува римска провинција. За време на владењето на август (31-14 г.п.н.е.) градот се шири на запад и југ, за што сведочат 55 гробови од западната некропола, од времето на Август.
Ширењето на градот се поврзува и со подигањето на статусот на градот во ранг на муниципиум, 69г.н.е., кога почнуваат да се коваат монети со натпис “Municipium Stobensium”.

Урбаниот дел на стариот град Стоби (гр. Στoβόι) се наоѓа на три тераси, што се спуштаат кон Црна Река, опкружени со ѕидови, а на устието меѓу Црна Река и Вардар. Познато е дека тука минувале главните патишта кои ги сврзувале областите на преден Дунав сомедитеранските земји, уште од предисторискиот период. По овој главен пат на Балканскиот Полуостров се движеле културните влијанија од југ кон север и обратно. Црна Река, од друга страна, претставувала природен пат кој ги сврзувал централните области на Македонија со Јадранското море.

Во римскиот период покрај Црна Река водел значаен пат, кој го поврзувал градот Стоби со Виа Игнација кај Хераклеја Линкестис, близу до денешната Битола. Така градот Стоби заземал мошне значајна стратегиска, воена и трговска позиција во античкиот период.

Најстари пишани извори за Стоби наоѓаме кај Ливиј, кога споменува за победата на Филип V, крал на Македонија, над Дарданците во 197 г. п.н.е. Според археолошките податоци градот бил подигнат во хеленистичкиот период, но не многу пред владеењето на Филип V.

Во Стоби се забележани голем број на култни претстави на божества од грчко – римскиот пантеон: Аполон и Артемида, Асклепиј, Дионис, Немеза, Зевс, Тихе, Афродита, Хигија,Телесфор… Се работи за бронзени и мермерни статуи, или пак за релјефни претсави на мали камени икони. Исто така, откриени се и многубројни примери на архитектонска камена пластика од раноримските храмови. За жал, археолошките ископувања се уште го немаат откриено ликот на раноримскиот град и денес немаме репрезентативни сочувани објекти од ова време, со исклучок на две-три градби, меѓу кои се истакнува театарот.

Податоци за постоењето на најмалку два храма, ни даваат монетите што се ковале во ковачницата во Стоби. Продукцијата на монетоковањето во Стоби се одвивала во времето на цар Веспазијан (69 – 79) до царот Елегабал (218 – 222). На најраната монета, може да се препознаат претстави на Викторија – гениј на победата – и фигура на бик. Датирањето на овој таканаречен автономен тип не е со сигурност одредено.
Постојат уште многу интересни градби на овој локалитет, како на пример римскиот форум, куќа на псалмите, големата бања, виа аксија, куќата на Партениј, театар, коцкарница и други интересни градби и знаменитости.

1.ТЕАТАР; 2.ЕПИСКОПСКА БАЗИЛИКА; 3.VIA SACRA; 4.ЕПИСКОПСКА РЕЗИДЕНЦИЈА; 5.DOMUS FULONICA; 6.VIA PRINCIPALIS SUPERIOR; 7.ТЕОДОСИЈАНСКА ПАЛАТА; 8.VIA THEODOSIA; 9.КУЌА НА ПЕРИСТЕРИЈА; 10.ГРАДСКА ЧЕШМА; 11.VIA PRINCIPALIS; 12.INFERIOR;13.ГОЛЕМА БАЊА; 14.VIA AXIA; 15.КУЌА НА ПОЛИХАРМ (КУЌА НА ПСАЛМИТЕ); 16.СИНАГОГА БАЗИЛИКА; 17.МАЛА БАЊА; 18.ЦИВИЛНА БАЗИЛИКА; 19.СЕВЕРНА БАЗИЛИКА; 20.ГРАДБА СО АРКИ; 21.CASA ROMANA; 22.КОЦКАРНИЦА; 23.ФОРТИФИКАЦИЈАТА НА СТОБИ; 24.БАЗИЛИКА EXTRA MUROS; 25.ГРОБЈАНСКА БАЗИЛИКА; 26.БАЗИЛИКА ВО ПАЛИКУРА


2. Манастир „Св.Архангел Михаил“ – с.Горно Чичево

Селото Горно Чичево се наоѓа во југозападниот дел на  Општина Градско, под североисточната падина на планината  Клепа,  во непосредна близина на Градско.

Во 1861 година овде била подигната црква од познатиот мајстор и градител – Андреја Дамјанов, Св. Архангел Михаил која претставува главна манастирска црква на Чичевскиот манастир, сместен во атарот на самото село. Манастирот е прилично оддалечен од населбите, но со исклучителна внимателност и особена посветеност била моделирана оваа црква.

Имено, негативниот момент на зафрленоста на локацијата тој го искористува во позитивна смисла – изградува манастир во чиј просторен склоп доминираат пет силно нагласени куполи. Секоја од куполите ја подигнал на многу висок тамбур, а потоа ја закитил со симболот на христијанството – крстот. Ова не било можно да се изведе во јадрата на градските и руралните средини, бидејќи тогашната отоманска регулатива не дозволувала видливо презентирање на христијанскиот симболизам во надворешната силуета на градбите. Тоа значело забрана за видливи куполи, крстови и сл.

Имајќи ги на една страна овие можности кои произлегле од локацијата, на друга страна длабоките византиски традиции за канонизирана симболичност во одредувањето на основата на црквите, а на трета страна потребата за релативно мал капацитет на црквата, Дамјанов се одлучува за модел во облик на издолжен впишан крст во пет куполи.

Изборот на петкуполна градба е поврзан со неговото добро познавање на традициите во средновековната архитектура во Македонија и на фактот дека таа е подрачје во кое концентрирано се граделе многу ретките сложени градби со пет куполи.

Петте куполи внесуваат огромна количина на светлина во внатрешноста со што во објектот е внесено чувство на ведрина наспроти мистиката на средновековието. Овој елемент на ведрина е суштествено важен и во сообразност со духовниот возлет на преродбенската епоха. Високите и снажни камени столбови на кои лежат пандантифите за централната купола имаат капители кои по својата форма се повеќе западноевропски, но многу софистицирано прилагодени на вкусот на домашната традиција – без пластична декорација.

Манастирот во 1981 година бил прогласен за споменик на културата, додека во 2013 година била донесена Одлука за негово целосно обновување, вклучувајќи ги и иконите во објектот. Иако била дадена ваква најава, сепак до 2016 година, не биле отпочнати самите зафати на Манастирот.

Во 2016 година, пак, црквата и целокупниот манастир влегле во годишната програма на Министерството за култура.