Oпштина Градско дел од работилницата во рамките на европскиот проект ELeVATE!

9

Од 9 до 12 октомври се одржа првата обука на ментори во рамките на проектот ELeVATE, поврзана со меѓусекторска работилница за пристап до европско финансирање.

Настанот, во организација на ЕМКИЦЕ КИЦ – ACRID Network, беше посветен на поддршката на девојките и жените во зелените технологии и на јакнењето на капацитетите на организациите за развој на заеднички проекти.

Работилницата „ELeVATE – EU Funding and Women in Net-Zero Technologies“ ги поврза образованието, менторството и практичната подготовка на проектни предлози. Во фокусот беа можностите жените и девојките да стекнат релевантни стручни вештини, да добијат поддршка за професионален развој и поактивно да се вклучат во секторите поврзани со зелената транзиција.

Програмата опфати стручни презентации, размена на искуства и групна работа. Учесниците развиваа сопствени проектни концепти, планови за реализација и основни буџетски рамки, поврзувајќи ги потребите на своите институции и организации со можностите што ги нудат програмите на Европската Унија.

Во стручниот дел од програмата, проф. д-р Лихнида Стојановска-Георгиевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии при УКИМ зборуваше за вештините на жените во паметните и енергетски ефикасните згради. Проф. д-р Љубомир Кекеновски од Економскиот факултет при УКИМ се осврна на улогата на јавните финансии во инклузивната зелена транзиција.

За проектот ELeVATE

ELeVATE го поддржува вклучувањето на девојките и жените во стручното образование и обука и во професионалните можности поврзани со технологиите за нето-нула емисии, со посебен фокус на паметните електрични системи во зградите Smart Electricity for Buildings (SEB). Проектот развива менторска поддршка, образовни можности и мрежи на соработка за надминување на бариерите со кои се соочуваат жените во овие области.

Проектот се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија во рамките на програмата „Еразмус+“, под број 101196092, повик ERASMUS-EDU-2024-POL-EXP.