Промоција на сликовницата на нашата сограѓанка Катерина Димова!

31
Со детски насмевки и отворени срца, денес нашите најмлади – децата од детската градинка „Кокичиња“ и учениците од I до IV одделение од ООУ „Даме Груев“ – зачекорија во една топла и нежна приказна за љубовта, другарството и моќта на прегратката.
Сликовницата „Сакам силно да ме гушнеш“ од нашата сограѓанка Катерина Димова не беше само приказна, туку тивок разговор со детските срца. Таа нè потсети колку е важно да ги покажуваме чувствата, да не се плашиме од солзите, од лутината, од стравовите и – најважно – да кажеме гласно кога ни треба прегратка.
Преку нежните ликови Бони и Ка, децата се препознаа во моментите на разделба, во тешките прашања без одговор и во малите, но големи емоции што ги носат во себе. Научивме дека прегратката не е само допир, туку засолниште, сигурност и тивко „јас сум тука за тебе“.
Овие мигови нè потсетија дека кога ги учиме децата да сакаат и да се гушкаат, всушност градиме похуман и потопол свет.