Одржано првото основачко Собрание на Планинарско спортско друштво „Клепа“ Градско!

1535

На ден 23.11.2020 год. во 18:00 часот во салата на општина Градско се одржа Првото основачко собрание на Планинарско спортско друштво „Клепа“ Градско. За Претседател на Здружението е избран Петре Лазовски од Градско, со мнозинство од присутните 16 члена. Петре Лазовски е млад планинар кој со своето досегашно искуство дава надеж и поттик за бројни доживувања и авантури кон нескротливата природа, како и љубовта кон неа и планините.

ПСД „Клепа“ Градско има идеја да ги собира граѓаните, а особено младината и подмладокот и да ги воспитува за активно движење и снаоѓање во природа, а особено во планина заради рекреација и физичко воспитување. Друштвото ќе се стреми за разбирање и соработка и остварување на позитивна клима помеѓу сите учесници во случувањето на планината, а со тоа се очекува и продолжување на традицијата за популаризирање на овој спорт кај жителите. Со надеж за понатамошна соработка со останатите планинарски друштва за продолжување на планинарскиот марш во февруари од с.Сирково, преку врвот Клепа пa сè до крајната цел Манастир „Св.Архангел Михаил“, кој веќе три години по ред се одржува.

Здружението ќе организира искачувања на планински врвови во Македонија, активно ќе работи на идејата за обезбедување на простор за престој на планинарите во атрактивни делови од општината и надвор од неа.