Информација за состојбата и превземените мерки и активности за превенција од ширење на коронавирусот Ковид-19 во општина Градско!

1424

На вчерашната седница на Советот на општина Градско покрај другите точки на дневниот ред Градоначалникот Роберт Бешовски изнесе Информација за состојбата и превземените мерки и активности за превенција од ширење на коронавирусот Ковид-19 во општина Градско.
1. На територијата на општина Градско нема заболени лица со корона вирус.
12 лица во овој момент се во самоизолација.
На 6 лица сите шофери им престана состојбата на самоизолација заради издавање на посебни дозволи од страна на Министерство за здравство за вршење на транспорт за потребите на компаниите кај што возат. Значи бројката варира, останатите лица ги контролира полицијата два пати во денот и сите ги почитиваат мерките за самоизолација. На почетокот на важење на мерките за самоизолација имаше пријави од граѓани за одредени мали прекршувања од страна на две лица.
2. Градоначалникот има редовна и секојдневна комуникација со Полициската канцеларија Градско (СВР Велес) – командир Нацо Донев, Здравствена амбуланта Градско – др Жанета Чаушевска, Здравствен дом Велес, ЦЗЈ Велес, Дирекција за заштита и спасување, ЦУК, Економските оператори и граѓаните од општината за сите проблеми и информации поврзани со состојбата на епидемијата со коронавирусот.
3. Општина Градско формира мобилен тим за помош на сите стари и изнемоштени лица и лица со посебни потреби со цел да не остваруваат непосреден контакт со останати луѓе и да се изложат на дополнителна опасност од инфицирање со Ковид-19.
Секој граѓанин од наведените категории, кој има потреба од набавка на потребни лекарства, прехрамбени производи и средства за хигиена ќе може да телефонира секој ден од неделата, во секој дел од денот на телефонските броеви 070566261 и 078441443 , после јавувањето доаѓа лице од мобилниот тим од општина Градско во домот на нарачателот и ќе ја прими нарачката со соодветни средства за купување на истата.
4. Извршена е од страна на Општината и ЈКП Клепа Дезифенкција на улиците и јавните површини на територијата на општина Градско.
Дезинфекцијата ќе се врши редовно на сите јавни површини, улици, детски игралишта и паркови.
5. Донесена е одлука Пазарот времено да не работи заради спречување на масовни собири на граѓаните а воедно заштита на продавачите и купувачите.
Се дозволува секој ден само на неколку тезги да се врши продажба на зеленчук, овошје и др. прехрамбени продукти со цел подобро снабдување на населението со потребни намирници. Продавачите треба да носат заштитни маски и нараквици.
6. Според Градоначалникот направена е процена за опасност за ширење на коронавирусот во општина Градско од лица кои доаѓаат од Странство и Поминувачи кој кратко се задржуваат во Градско.
Затоа упатува апел:
– до сите сограѓани што се враќаат од странство строго да се придржуваат на мерките за самоизолација,
– до продавниците, маркетите, јавните институции и фирмите да ги спроведуваат заштитните мерки и воедно
– до сите граѓани да ги почитуваат мерките за забрането движење за сите лица од 21ч до 05ч, лицата до 18 години од 21ч до 12ч и лица над 67 години од 11ч до 05ч.
7. Се забрануваат групните посети на летниковците на Подлешкото езеро!
8. Треба да се направи подобрување на спроведување на мерки за заштита од ширење на коронавирусот во сите продавници и “Жито маркетот” во Градско. Да се внимава на бројката на купувачите и при влез нивна дезинфекција, редовна дезинфекција на просториите, контрола и заштита на делот за продажба на леб и отстранување на масите и столчиња пред продавниците.
9. На предлог на Градоначалникот, Советот донесе едногласна одлука за доделување на времено користење на едно возило од страна на општина Градско на Полициската канцеларија во Градско за подобро извршување на работните задачи додека трае кризата.
10. Градоначалникот извести и за барањата на Регистрирани земјоделци ИЗ од Градско за добивање на Дозвола за движење поради вршење на ноќна работа – загревање на земјоделски површини (оранжерии и пластеници) во 3 смена во периодот од 21ч до 05ч кога е полицискиот час и дека е контактирано и договорено со Министерствата за земјоделие и информатичко општество и администрација за начинот за добивање на дозволите. Економските оператори за нивните вработени кои работат сменска и ноќна работа треба да извадат соодветни дозволи за движење преку Стопанската комора.