Во каква состојба ја затекнавте општина Градско, финансиски, кадровски и просторно?

– Финансиски општина Градско ја затекнав со долг од околу 36 милиони денари или 600 илјади евра без пресметани камати бидејќи каматите се пресметуваат по дневна основа. Половина од долговите се утужени, а половина не. Утужените долгови се на редослед на извршување, а ние треба да направиме план-програма за излез од таквата состојба и план и програма за да ги решиме нашите обврски кон добавувачите. Затоа треба да пробаме да оствариме комуникација со добавувачите во вонсудска спогодба и да направиме напори тоа да го решиме вонсудски.

Сепак, решение гледаме во понудата на Владата, односно на премиерот сите општини кои сме блокирани, а ние сме блокирани веќе седма година и функционираме со лимит од 420 илјади денари. Над тој лимит сите средства ни ги повлекуваат од тој што е на ред за извршување, преку трезорот. За да го надминеме овој проблем понудено е решение сите 20-тина општини кои имаме сличен проблем, да направиме аранжман т.е да влеземе во аранжман дали со Светска Банка или ЕБОР, односно согласно каков договор ќе склучи Владата,а во врска со земање на тој кредит кој е околу 250-260 милиони евра. Согласно нашиот долг со Министерството за финансии треба да се договориме да ни сопираат на пример по 150 или 200 илјади денари, а кои тогаш ќе се утврдат и ние како општина треба да бидеме спремни да го отплаќаме. Да кажам и тоа дека тие што се утужени и што се на редослед за извршување, таму каматата тече.

Исто така наследивме и голем број на вработени во општината. Пред да дојдам на функцијата бевме 24, а сега сме 21 плус нова хигиеничарка или 22 бидејќи јас бев и претходно вработен во општината. Од тој број имаме четворица извршители кои работат во општината, а извршуваат работни задачи во ЈКП „Клепа“. Тоа е направено со земање кредит од 100 илјади евра од Светска банка со кој е набавено возило за собирање на смет и дел од кредитот е и за канти за отпадоци. Тој кредит не е вратен и влегува во главниот долг. Затоа тие четворица со преземање сакаме да ги префрлиме од општината во ЈКП „Клепа“, од кои тројца работат на собирање смет, а еден како водоинсталатер.

Проблем е и тоа што имаме две ЈКП, „Клепа“ кое функционира од 2008, а од 1999 година функционира и ЈКП „Комуналец“, кое во моментов е без управни органи и има тројца вработени. Бидејќи ЈКП „Комуналец“ западнало во долгови, во 2008 година од страна на општината е формирано ново ЈКП „Клепа“ кое работи и е рентабилно, а ова старото е оставено во долгови, не е ликвидирано и има долг над 30 милиони денари или над 500 илјади евра и тоа е проблем на општината кој треба да го решаваме. Проблем е и тоа што ЈКП „Клепа“ сметките за пумпите за вода ги оставале на ЈКП „Комуналец“ кое нема никакви приходи и нема можност да ги исплаќа тие обврски. Обврската за струја е околу 12 милиони денари и затоа ЈКП „Клепа“ треба да ја земе обврската за плаќање на струја.

За простор на канцеларии на општината ги користиме овие простории на постоечката општина, две канцеларии имаме во рамки на Домот на културата и две канцеларии користиме во старата општинска зграда во централното градско подрачје и имаме доволно простор. Една канцеларија ја издаваме на Агенцијата за вработување, како нивна истурена канцеларија која во моментов не работи. Наскоро треба да почне да работи и истурена канцеларија на Министерството за труд и социјална политика и таму треба да има две нови вработувања, најави Бешовски.

Кои се реалните проблеми на локалната самоуправа?

– Најзначајните проблеми се во поглед на водоснабдувањето на сите населени места и потребен ни е развој во општината, како и проблемот со големата невработеност и зачестено иселување од нашата општина. Во однос на недостигот на вода за пиење во Градско планираме да го решиме со проект за подобрување на водоснабдување. За оваа намена имаме средства од Европската инвестициска банка во рамки на Министерството за транспорт и врски каде ќе аплицираме со два проекти, а средствата кои се наменети за општина Градско се во вредност од околу 300 илјади евра. Од тие два проекти еден е за канализација, во населба Стопанство во рамки на Градско и вториот за подобрување на водоснабдување во Градско, каде треба да опфатиме една нова бушотина за вода, во близина кај мостот на Вардар, кај село Уланци оттаму планираме да направиме потесен цевковод до резервоарот во должина од два километри за да го подобриме водоснабдувањето. Планираме стариот постоечки, бидејќи имаме два новоизградени резервоари по 250 или вкупно 500 кубика, а кој претходно беше 150 метри кубни, сакаме да го реконструираме и да направиме приклучок за струја до сите резервоари и да поставиме гасни хлоринатори за хлорирање на водата во резервоарот. Другиот проект е за изградба на канализациската мрежа во населба Стопанство. Покриеноста со водоводи во општина Градско е скоро сто отсто, односно од десет во девет села има водоводи, освен во село Грнчиште. Канализација нема во четири населени места: Подлес, Горно и Долно Чичево и Грнчиште и планираме за сите овие населени места да конкурираме за проектна документација преку Министерството за животна средина и просторно планирање. Деновиве има и конкурс за изработка на техничка документација за водовод и канализација, појасни Бешовски.

Што е тоа што треба да се смени за состојбите во општината да бидат подобрени, како проекти, реализација на инфраструктурни решенија, соработка со бизнис секторот и други општини?

– Имаме добра соработка со бизнис заедницата, со сите фирми кои се на територијата на нашата општина. Како прво планираме изградба на хотел со Аква парк, во стариот мотел „Интернационал“ на влезот во Градско од правец Прилеп-Градско и Гевгелија-Градско. Имаме најдено странски инвеститор-Македонец кој работи во странство. Тој планира да го откупи земјиштето и објектот кој е во лоша состојба-руиниран. Тој планира да го сруши стариот и да изгради нов објект и да докупи приватно земјиште за да ја комплетира посакуваната површина. Планира да направи и други содржини, паркинг плац, терминал и аква парк, а сега сме во фаза на купување од страна на приватниот инвеститор, од државата. Односно земјиштето од 1 хектар со се објекти по што ќе следи и втората фаза, докупување на уште 15 декари или хектар ипол, а со цел да се доведе нивната посакувана површина. Инвестицијата ќе чини меѓу еден и два милиони евра,а се планираат и 30 нови вработувања.

Тежиштето го ставаме на развојот и за таа цел општината треба да изготви локални туристички планови, со кои ќе ја зголемиме површината т.е. ќе се добие Индустриска зона. За таа намена на истиот потег од стариот мотел „Стоби“ кај Археолошкиот локалитет Стоби на 3 хектари површина, каде имаме веќе заинтересирани инвеститори за производствени погони на лесна и незагадувачка индустрија. Сега во март го очекуваме повикот на Министерството за транспорт и врски и планираме да аплицираме за да донесеме такви локални урбанистички планови. Планираме уште една локација за Индустриска зона под Автопатот на другиот дел од Градско и таму планираме да направиме таква мини Индустриска зона и да привлечеме потенцијални инвеститори.

Во поглед на инфраструктурата, годинава планираме изградба на четири улици во Градско во вкупна должина од илјада метри, од кои 480 метри со бекатон за изградба на шеталиште во центарот на Градско. Планираме да заокружиме два патни правци, еден до село Уланци во должина од два километри и локален пат за село Грнчиште во должина од пет километри, каде веќе имаме асфалтирани 370 метри. Планираме да направиме проектна техничка документација во должина од 2.500 метри, со која планинираме да ги опфатиме сите населени места.

Ќе се надоврзам на соработката со бизнис секторот каде има направено и доста инвестиции во општината. Станува збор за „Вардар“ Градско односно винарија „Стоби“ која функционира од 2008 година и е една од поголемите инвестиции во Градско во вредност од 20-тина милиони евра. На нашето подрачје имаме повеќе стопански субјекти со кои имаме одлична соработка. Свињарската фарма „Агриа“ е една од нив, а планираме и понатамошна соработка и нови инвестиции од нивна страна.

Со другите општини соработуваме преку Вардарскиот плански регион. Имаме и планираме понатаму плодна соработка со општина Велес, а планираме меѓуопштинска соработка со општина Росоман за заеднички проекти во поглед на инфраструктура.

Во поглед на културата изготвивме програма која веќе помина на седница на Советот на општината. Во Градско функционира КУД „Стоби“ со богата традиција и планираме да ги поддржиме за нивно гостување во Полска и учество на други фолклорни фестивали. Во Домот на културата во Градско планираме театарски претстави за возрасни и деца, односно постојани настапи на театари како и кино проекции за филмови. Планираме набавка на дигитален кино проектор се со цел да го раздвижиме културниот живот во Градско. Секое лето ја поддржуваме културната манифестација „Топол културен бран“, појасни градоначалникот Бешовски.

Што е приоритет во Вашата работа како градоначалник?

– Најголемиот приоритет е да донесеме инвестиции и да направиме развој на општината. Единствено така ќе ги задржиме младите во нашата општина и ќе го подигнеме стандардот на нашите граѓани, што ќе биде основна цел во мојот четиригодишен мандат. Конечно решавање на проблемот со водоснабдување во сите населени места, посебно во Градско. Приоритети ќе ми бидат и комуналната изградба, изградба на локални патишта, канализација и уличната мрежа во останатите населени места, која сега е неизградена. Планирам во секое населено место, секоја година да се изгради по една улица, по приоритет кој ќе го определат граѓаните. Тоа ќе ми бидат три основни столба, а имам и други работи кои планирам да ги направам.

Во поглед на спортот, во фаза сме на рестартирање на ФК „Локомотива“од Градско. Работиме на негова пререгистрација и набавка на опрема за фудбалерите за следната сезона да отпочнат да играат во Општинската фудбалска лига, како и да ги регистрираме во Фудбалскиот сојуз на Македонија. Сакам да информирам дека во завршна фаза сме на добивање финансиска поддршка од Министерството за труд и социјална политика за проектот за доградба на градинка во Градско. Имаме градинка во која децата засега имаа само една просторија. Станува збор за проект од два ипол милиони денари, за доградба со простор од 160 метри квадратни каде ќе се добие спална за децата и канцеларија за вработените и проширување на трпезаријата.

Во финални преговори сме со јапонската Влада за добивање на донација – градежна машина „скипер“ вреден 70 илјади евра, со која ќе ни се олесни работата во општината и ЈКП „Клепа“. Се работи за чистење диви депонии, за ископ на водоводи и канализации, за чистење на снег… Изработивме проект за партерно уредување на двор во ОУ „Даме Груев“ во Градско и планираме да го изградиме оваа година, најави градоначалникот Бешовски.

Антоанела Димитриевска

Извор: МИА