Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, ја посетија општина Градско, каде од градоначалникот Роберт Бешовски беа информирани за тековните проекти со кои се надминуваат реалните проблеми на граѓаните во општината.

Вицепремиерот Анѓушев, потенцираше дека извршната и локалната власт активно работат на надминување на проблемите со кои се соочуваат граѓаните на оваа, но и на сите други општини, во насока на рамномерен регионален развој и подобрување на животот на граѓаните во сите делови на државата.

„Тука сме за да видиме како се решаваат комуналните проблеми на граѓаните и задоволен од ова што го гледам. Општина Градско урбано го уреди со сопствени средства паркот во износ од околу 4,5 милиони денари.
Тука е и градинката чиишто капацитети се проширени со средства од Министерството за труд и социјална политика во износ од 2 милиони денари, за зголемување на капацитетот за уште 20 нови дечиња. Градинката веќе може да згрижува 50-ина дечиња, што е реално потребата на Градско. Се надевам во иднина ќе има потреба и за повеќе, а Владата ќе намени средства.
Решен е и 30 годишен проблем со водоснабдување на општина Градско. Го посетивме бунарот направен над земја, каде нема што многу да се види, но подземните инсталации се обемни и овој 30 годишен проблем е веќе решен.
Обезбедени се 20 милиони денари за реконструкција на патот од Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој, во рамките на Програмата за рурален развој и подобрување на инфраструктурните услови помеѓу Градско и Чичево, во должина од 1,8 км.
Исто така, обезбедени се средства за две улици во село Водоврати во рамките на Програмата за рамномерен регионален развој, како и средства за комунална опрема, канти за отпадоци и поцинкувани контејнери во Градско.
Исто така, обезбедени се средства за канализација во населеното место Стопанство, како и уште една дополнителна канализација во уште едно населено место што е дел од општината. Со ова јасно покажуваме дека Владата е определена да направи колку што е можно подобри услови во целата држава, да имаме колку што е можно порамномерен развој во државата и за разлика од тоа што во минатото најголем дел од средствата се трошеа во Скопје, мислам дека е важно сите населени места во државата да ги направиме убави. Мислам дека ќе најдеме начин да ги решиме и проблемите на земјоделците во Градско, односно сточарите, коишто имаат потреба од обработливо земјоделско земјиште за да произведат храна за своите стада. Најавувам дека тоа ќе го решиме до крајот на годината и ќе најдеме начин тие да ги задоволат своите потреби и да ги задржат своите стада“, потенцира вицепремиерот Анѓушев по посетата на Градско.

Градоначалникот Роберт Бешовски дополни дека со општински и средства од буџетот на државата ќе се реализираат дополнителни проекти, со кои ќе се подигне квалитетот на живот на граѓшаните во општината.

„Општина Градско обезбеди средства за изградба на откупен центар на отворен простор преку Центарот за вардарски плански регион преку Бирото за рамномерен регионален развој во износ од 5 мил денари. Веќе е избрана фирмата и ќе се започне со изградба. Исто така, во село Горно Чичево ќе се гради канализација за која средства се обезбедени преку Министерството за животна средина, веќе е завршена постапката за јавна набавка и ќе се започне со изградба. Тие се двата најблиски проекти за кои очекуваме реализација“, нагласи градоначалникот Бешовски.